Со свечени настани, научни собири, изложби и културно-уметнички програми, Охрид од 21 до 24 мај ќе ги одбележи Деновите на Светите Кирил и Методиј, посветени на делото на сесловенските просветители и основоположници на словенската писменост.
Програмата започнува на 21 мај со свечена приредба по повод Патрониот празник на СОСУ „Свети Кирил и Методиј“, која ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“. Следниот ден е предвидена изложба и работилница од областа на калиграфијата во организација на Српското друштво „Коштана“ од Врање, што ќе се одржи во Куќата на Робевци.
Централниот настан ќе биде Научната конференција „Континуитетот на кирилометодиевската традиција изразен во Охридската книжевна школа“, закажана за 23 мај во Конгресниот центар во Охрид. На конференцијата ќе учествуваат еминентни професори и научни работници од земјата и регионот, а предвидени се и поздравни обраќања од градоначалникот Кирил Пецаков и претставници на академската заедница.
На самиот празник, 24 мај, ќе се одржи традиционалната програма „По стапките на светите Кирил и Методиј“, која опфаќа свечена богослужба, полагање свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа и доделување награди за најдобри ученици од основните и средните училишта кои постигнале значајни резултати на регионални и државни натпревари.
Во рамки на чествувањата ќе биде промовирано и десеттото јубилејно издание на Фестивалот на поезија за деца „Стихувалки“, а вечерта ќе биде заокружена со концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ и беседа посветена на Светите Кирил и Методиј во црквата „Света Софија“.
Организаторите истакнуваат дека програмата има за цел да го афирмира духовното, културното и просветителското наследство на Светите Кирил и Методиј, чие дело претставува темел на словенската писменост, образование и култура.
