Изложба Малесија низ старите фотографии од утре ќе биде отворена во Охрид. Целта е пред јавноста да се претстави богатото културно и историско наследство на овој, недоволно познат регион. Авторот на изложбата Љупчо Паункоски преку фотографии стари повеќе од еден век ја раскажува приказната за луѓето, печалбарството, традициите и значајните личности од Малесија. Фотографиите се собирани со години преку социјалните мрежи, а многу семејства од малесиските села испратиле ретки фотографии од своите предци.
-„Да речем еден помалу познат регион во Македонија, многу малку луѓе слушнале за неа, а уште помалу имале прилика да ја посетат. И на некој начин сакав со ова изложба, а сепак Малесија е еден богат регион со големо културно богатство, на некој начин да ги запознам не само нашите граѓани овде, меѓутоа и тие малку подалеку што се, да научат нешто за овој регион и за луѓето, традициите и обичаите од Малесија.“, вели Љупчо Паункоски организатор на изложбата.
Дел од фотографиите сведочат за печалбарскиот живот на луѓето од овој крај, кои заминувале на работа во Австрија, Унгарија и Америка.

„Фотографијите овде се од прилика, да не речам од Илинденското востание, па се наваму. Значи, има фотографии од војводи кои го организирале Илинденското востание во Малесија. Потоа, некаде од 1907, 1908, 1912 година е фатено печалбарството. Тој крај е малку посиромашен и луѓето за егзистенција заминувале на печалба во странство. Од некои села се одело во Австрија и Унгарија, а од Селци, Буринец и Аржаново најмногу во Америка, каде работеле како пекари. Имаме фотографии и од Америка, од тоа печалбарство.“, додава Паункоски.
Паункоски вели секоја фотографија носи посебна приказна, а изложбата е обид да се зачува колективната меморија на Малесија и нејзиниот придонес во македонската култура и историја.
„Само ќе ви кажам некои примери. Писателот Јован Котески потекнува од селото Присовјани. Нашиот уметник Симон Трпчески, кој го направи „Македонисимо“, првата изведба ја имаше во неговото родно село Збажди. Од Аржаново е Миле Петковски Мартиновски кој го направи првото кино во Охрид во 1924 година. Од селото Селци потекнува Арсени Јовков, а исто така и Војдан Чернодрински. Во Локов е формиран Малесискиот одред, а таму е формирана и првата македонска бригада. Значи, ова е регион што многу направил за државата, а многу малку се знае за него.“
Фотографиите беа изработени и врамени пред неколку години во соработка со Центарот за култура „Браќа Миладиновци„ Струга, каде и се одржа првата изможба.
Ова е втора изложбата под покровителство на Општина Охрид, фото клубот Охрид ои Завод и музеј, која ќе биде отворена за посетителите до 3 јуни, а организаторите најавуваат дека поставката ќе биде претставена и во други градови низ државата.
