Со многу креативност, енергија и интерактивни активности, во СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ се одржа Отворен ден на училиштето, на кој учениците ги претставија образовните профили економски техничар и техничар за е-трговија и дигитален маркетинг.
Преку низа работилници, квизови, пораки и уметнички изразувања, учениците покажаа дека економијата, сметководството и дигиталниот маркетинг не се само професии на сегашноста, туку и професии на иднината.
Посебно внимание привлече работилницата „Сметководство и вештачка интелигенција – еволуција на сметководството“, каде преку сликање на платно учениците ја прикажаа трансформацијата на традиционалното сметководство во современо дигитално работење со примена на AI технологии. Со оваа креативна презентација тие испратија порака дека сметководството е модерна и динамична професија.
Интерес кај посетителите предизвикаа и активностите „Процент плус“, каде преку сложувалки и прашања од статистика и банкарско работење учесниците учеа низ забава, како и работилницата „Платен промет во земјата и употреба на платни инструменти“, која ги доближи практичните финансиски трансакции до учениците.
Во рамки на настанот се одржа и квизот „Кој сака да биде економист“, каде идните средношколци имаа можност да ги покажат своите економски познавања, но и креативноста преку економски мотивирани сложувалки.
Учениците од профилот е-трговија и дигитален маркетинг се претставија со работилницата „Крати, сечи, лепи“, демонстрирајќи тимска работа, креативност и современ пристап во дигиталниот свет.
Посебна емоција внесе уметничко-едукативната работилница „Светското наследство во рацете на младите“, преку која младите испратија порака за зачувување на културното богатство на Охрид. Преку сликање на платно беа претставени Патримонито – млад чувар на светското наследство и Охридонито – локален младински симбол создаден од учениците од класот I-3.
На настанот присуствуваа и претставници од институции и компании од реалниот сектор, на кои училиштето им упати благодарност за поддршката и соработката.
Од училиштето упатија порака до идните средношколци да станат дел од нивното образовно семејство и да изберат професија што нуди сигурна и успешна иднина.




