Со ретроспективна изложба и премиера на претставата „Оркестар Титаник“, на 3 јуни, Народен Театар Охрид ќе одбележи 15 години од своето основање.
Станува збор за 46-та премиера на охридскиот театар, работена по текст на Христо Бојчев, во режија на Андреј Цветановски. Од театарот посочуваат дека Цветановски е режисер кој со секое свое гостување остава впечатливи постановки што силно резонираат со охридската публика и внесуваат нова вредност во ансамблот.
Во претставата настапуваат актерите Никола Тодороски, Стрезо Стаматовски, Филип Кипровски, Верица Недеска и Томе Станковски.
Премиерата е закажана за среда, 3 јуни, со почеток во 20 часот.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот, истиот ден во 19:30 часот, во галеријата при НУЦК „Григор Прличев“ ќе биде отворена и изложбата „Историска патека на театарски претстави“. Посетителите ќе имаат можност низ ретроспективен времеплов да ги проследат впечатливите костими и сценографии од претставите што низ годините биле поставени на сцената на охридскиот театар.
Од театарот информираат дека сезоната 2026 се реализира во духот на јубилејот и се очекува да биде една од најпродуктивните, со вкупно шест продукции, од кои три ќе бидат наменети за најмладата публика.
