Општина Охрид со реакција на обвинувањата од СДСМ: „Делата и проектите се најдобриот аргумент“

По критиките упатени од СДСМ за работата на локалната самоуправа, со реакција денеска се огласи и Општина Охрид, од каде порачаа дека наместо политички наративи, резултатите на теренот се најдобар показател за успешноста на актуелната власт.

Од Општината оценуваат дека обвинувањата за нетранспарентност и стагнација не соодветствуваат со реалната состојба и со проектите кои, како што наведуваат, се реализираат во градот и руралните средини.

Најдобар показател за успешноста на една локална самоуправа не се политичките говорници, туку реализираните капитални проекти, оние кои со децении беа заборавени или одложувани“, стои во реакцијата.

Во соопштението се набројуваат повеќе капитални инвестиции и инфраструктурни проекти, меѓу кои изградбата на катната гаража, новата пречистителна станица во Трпејца, обновата на пумпната станица кај „Метропол“, новата спортска сала во Лескоец, како и новата училишна зграда за ОУ „Кочо Рацин“.

Од локалната самоуправа посочуваат дека во тек е и реконструкција на плоштадот „Чинар“, а значителни активности биле реализирани и на патната инфраструктура во градот и селата.

Во реакцијата се наведува дека се реконструирани повеќе клучни улици, меѓу кои „7-ми Ноември“, „Гоце Делчев“, „Прилепска“, делови од „Даме Груев“, „Момчило Јорданоски“ и „Радојца Новичиќ“, како и дека се инвестирало во водоводна и канализациона мрежа, детски игралишта, паркови и образовни установи.

Вистинската одговорност пред граѓаните не се докажува со реторика, туку со завршени проекти и системско решавање на децениските проблеми. Делата и реализираните проекти се најдобриот аргумент“, порачуваат од Општина Охрид.

Во реакцијата се додава дека локалната власт останува фокусирана на, како што наведуваат, долгорочниот развој на Охрид, а конечната оценка за сработеното, според нив, секогаш ја даваат граѓаните.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани