„Збогум Буково“: Потребни се зелени политики и заштита на природата

Иницијативата Збогум Буково преку објава на социјалните мрежи алармира дека Охрид секоја година се соочува со сѐ повисоки температури и зголемен ризик од последиците од топлотните бранови, повикувајќи ги локалните власти на конкретни мерки за справување со климатските промени и подобрување на квалитетот на живот.

Во своето соопштение, од иницијативата посочуваат дека е неопходно „раззеленување на градот“ и запирање на, како што наведуваат, „штетната сеча и лошото кастрење на урбаното зеленило“.

„Охрид се загрева сѐ повеќе секоја година и смртноста од жешките бранови се зголемува. Дали може општината да направи нешто во врска со овој проблем?“, прашуваат од „Збогум Буково“.

Од иницијативата предлагаат и воведување зелени покриви на објектите, враќање на природните воздушни коридори и запирање на, како што оценуваат, лошо планираната урбанизација.

Во објавата се бара и поголемо вложување во обновливи извори на енергија, како и развој на транспорт со ниски емисии на јаглерод диоксид преку изградба на велосипедски патеки и функционален градски превоз.

„Заштита на Охридско Езеро и Студенчишко Блато како природни системи за ладење на градот“, е една од пораките што ја упатуваат од иницијативата.

Тие апелираат и за подобро управување со отпадот и спречување на создавање диви депонии, додавајќи дека градот, и покрај намалениот број жители во последните децении, продолжува да се развива на штета на природата.

„Охрид има 20.000 помалку граѓани од пред 30 години, но се ‘развива’ наспроти природата со нејзина експлоатација на сметка на здравјето на граѓаните“, се наведува во соопштението.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани