Охридскиот Антички театар, еден од најзначајните културно-историски симболи на градот и препознатлива туристичка атракција, е во фокусот на проектот „Антички театар: Адаптивен континуитет“, чии резултати ќе бидат претставени пред јавноста од страна на Архрид колектив.
Проектот се осврнува на сложениот процес на откривање, истражување, реставрација и адаптација на Античкиот театар, кој низ повеќедецениски археолошки истражувања, спроведувани од 1960 до 2005 година, прерасна од археолошки локалитет во современа отворена летна сцена и еден од најпосетуваните културни простори во Охрид.
Од Архрид колектив посочуваат дека во време на брзи урбани трансформации, предизвикот не е само зачувувањето на културното наследство, туку и неговата интеграција во современиот живот. Токму затоа, преку овој проект се отвора прашањето како културното наследство може да стане активен дел од секојдневието и развојот на заедницата.
Проектот започнал како студентска иницијатива и љубопитност, а со текот на годините се развил во меѓународно препознаен истражувачки и проектантски процес. Неговата еволуција – од академска идеја до професионално и општествено релевантна тема – е документирана преку изложба на конкурсни трудови, стручни предавања и публикација кои ќе бидат претставени како единствена целина.
Организаторите нагласуваат дека целта е да се поттикне поширок дијалог меѓу архитектите, институциите, локалната заедница и јавноста за иднината на културното наследство. Според нив, успешната интеграција на ваквите вредности во современиот начин на живот бара интердисциплинарен пристап, почитување на контекстот и подготвеност за нови и иновативни решенија.
Проектот „Адаптивен континуитет“ претставува обид да се преиспита односот кон културното наследство не само како историски споменик, туку и како жив простор што може да одговори на потребите на современото општество, без да го загуби својот автентичен карактер.
