Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска беше во работна посета на Општина Дебрца, каде оствари средба со градоначалникот Зоран Ногачески. На средбата присуствуваше и директорот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, Горан Патчев.
Според градоначалникот Ногачески, на средбата се разговарало за културниот и туристичкиот потенцијал на регионот, како и за можностите за негов понатамошен развој преку нови проекти и инвестиции.
Посебно внимание било посветено на проектот за изградба на културно-изложбен центар во селото Требеништа, кој според општинските власти треба значително да придонесе за промоција на локалното културно наследство и развојот на туризмот.
Во рамки на посетата, делегацијата го посетила и Изложбениот центар за Белчишко Блато во Белчишта, каде биле презентирани природните богатства и биодиверзитетот на ова заштитено подрачје.
Работната посета продолжила со обиколка на Интернационална ликовна колонија „Дебрца“, една од најстарите ликовни колонии во земјава, која минатата година одбележа 40 години постоење.
„Горди сме на оваа културна манифестација која со децении го збогатува уметничкото наследство на Дебрца, а соработката и поддршката од овие институции ни е од огромно значење“, истакна градоначалникот Ногачески.
Тој додаде дека инвестициите во културата и туризмот претставуваат инвестиции во иднината на општината и регионот, нагласувајќи дека развојот на овие сектори останува еден од приоритетите на локалната самоуправа.




