Девет лица управувале пловни објекти под дејство на алкохол

Во координирана акциска контрола на пловните објекти на Охридското Езеро, спроведена вчера, полициските службеници и инспекторите од Капетанијата на пристаништа Охрид констатирале 52 прекршоци, а девет лица биле затекнати како управуваат пловен објект под дејство на алкохол.

Во акцијата, реализирана од полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, во содејство со Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспектори од Капетанијата на пристаништа Охрид, биле контролирани вкупно 63 пловни објекти.

При контролите кај 31 пловен објект и 31 лице биле евидентирани 52 прекршоци, меѓу кои немање задолжителна опрема, управување необележан и нерегистриран пловен објект, пловидба за време на забрана, управување без одобрение за пловидба, превезување поголем број патници од дозволениот, неносење пловидбена дозвола и други прекршоци предвидени со Законот за внатрешна пловидба.

По извршеното алкотестирање било утврдено дека девет лица управувале пловни објекти под дејство на алкохол. Дополнително, кај пет лица кои изнајмувале педалинки била констатирана нецелосна примена на безбедносните правила при нивното изнајмување.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека ваквите акциски контроли ќе продолжат и во текот на летната сезона, со цел доследно почитување на Законот за внатрешна пловидба и зголемување на безбедноста на Охридското Езеро.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани