ОВР Струга поднесе кривична пријава против В.Р. (56), З.П. (61), А.А. (61) и Т.Д. (49), сите од Вевчани, поради сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“.
Според полицијата, првопријавениот, во својство на раководител на Подрачното шумско стопанство „Јабланица“ – Струга, без овластување од директорот на ЈП „Национални шуми“ склучил договор за позајмица со правно лице од струшкото село Велешта. Истовремено, со неизвршување на службените должности не спречил и не санкционирал незаконско работење на останатите вработени во претпријатието.
Второ- и третопријавениот, вработени во шумското стопанство, не доставувале примероци од испратници до сметководството и не евидентирале сеча на 127,32 кубни метри буково огревно дрво, додека четвртопријавениот во една испратница внесувал два различни договора и двајца купувачи.
Со ваквото постапување, како што информира МВР, на правното лице од Велешта му било овозможено бесправно да го пренесе незаконски исеченото огревно дрво до својот склад и да се стекне со противправна имотна корист, при што на ЈП „Национални шуми“ му била причинета штета во износ од 570.569 денари.
