Во Охрид вчеравечер беше одбележан Меѓународниот ден на младите, во рамки на „Недела на млади 2026“, во организација на Младински центар Охрид.
Централната прослава се одржа пред хотелот „Палас“, каде беа доделени наградите за најдобрите идејни архитектонски решенија од јавниот конкурс за новиот Младински културен центар во Охрид.
Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој порача дека поддршката за младите мора да биде конкретна и континуирана политика на локалната самоуправа.
„Младите не се само иднината на нашиот град. Тие се неговата сегашност, неговата енергија и неговиот најголем потенцијал за развој“, истакна Пецаков.
Тој посочи дека Општина Охрид во изминатиот период воспоставила Младински центар, Локален совет на млади и Локално младинско собрание, како и Локална стратегија за млади.
Во фокусот на одбележувањето беше и идниот Младински културен центар, кој треба да биде изграден во просторот на поранешната касарна. Пецаков нагласи дека избраното идејно решение е првиот чекор кон изработка на основниот проект и реализација на центарот.
„Место каде што младите нема само да доаѓаат, туку ќе создаваат. Место каде што идеите нема само да се кажуваат, туку ќе се претвораат во дела“, порача градоначалникот.
Присутните имаа можност да ги видат наградените архитектонски трудови, а авторите ги претставија своите идеи и визии за идниот младински центар. Решенијата беа презентирани на видео-бим и изложени на просторот на настанот.
Одбележувањето се реализираше под мотото „Different Contexts, Common Aspirations“, со кое се нагласуваат различностите меѓу младите, но и нивните заеднички стремежи и аспирации.






