Во родното Велгошти, Охрид вечерва се потсети на еден од најзначајните македонски раскажувачи. Со традиционалната „Вечер на Живко Чинго“ се одбележаа 91 година од неговото раѓање, но и трајната вредност на неговото книжевно дело.
Манифестацијата e потсетник на големиот македонски раскажувач и место каде што пишаниот збор продолжува да живее.
„Живко Чинго нè научи дека расказот е најдлабокиот отпечаток на човековата душа, магичен мост меѓу нашата традиција и современиот копнеж за слобода. Неговата литература останува траен патоказ за секој што се осмелува да пишува“, истакна ПЕРЧО БОЖИНОСКИ – претседател на Советот.
Во рамките на манифестацијата беше доделена и наградата за најдобар расказ. Оваа година признанието му припадна на д-р Марјан Патлиџановски за расказот „Службен пат до Тирана“.
„Чинго нè учеше дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот живот, во човечноста што опстојува и кога времињата се тешки. Вечерва, прифаќајќи ја оваа награда, чувствувам одговорност и обврска да останам верен на приказната, на јазикот и на луѓето за кои пишувам.“, истакна МАРЈАН ПАТЛИЏАНОВСКИ – награден автор.
Во беседата посветена на Чинго, академик Катица Ќулавкова се осврна на неговото место во македонската литература и на книжевната моќ на неговите дела.
„Во тој контекст, и македонскиот книжевен јазик е столб на националните вредности, обележје на државноста. Тој е бесценето добро, наследено и стекнато, меморија без која би биле избришани од мапата на цивилизираните народи“, рече КАТИЦА ЌУЛАВКОВА – академик.
Манифестацијата беше збогатена со културно-уметничка програма насловена „Македониум“, на која настапија повеќе изведувачи.









