Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ денеска започна во ЦОУ „Ванчо Николески“ во населбата Лескоец, крај Охрид. Традиционалната манифестација, која се одржува со пригодна програма на учениците, ја организира Здружението за литература и култура „МАЦКОВО“ од Охрид.
На овогодишното издание учествуваат млади поети и поетеси од Македонија, Србија, Бугарија и Албанија. Со свои творби настапија дел од учесниците, кои пред присутните го прочитаа и посланието испратено од претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Во посланието таа порача дека, во време на дигитализирано секојдневие, отуѓеност и летаргија, особено изразена кај младите, литературата продолжува да го буди духовното кај човекот.
„Верувам дека, меѓу другото, вашиот камп испраќа и силна порака за разбирање и добрососедство. Младите македонски, албански, бугарски и српски поетски надежи се иднината на Балканот, Европа и светот. Верувам дека токму нивните генерации ќе успеат да изградат човештво коешто ќе го живееме во слобода, мир, хармонија и благосостојба. Продолжете да бидете свои, слободни и љубопитни. Читајте, истражувајте, доживувајте и пишувајте“, порача Сиљановска-Давкова.
Беше прочитано и посланието испратено во име на Светската академија на поезијата од Верона, од страна на поетот Мајо Даниловиќ, претседател на Одборот за словенскиот свет. Тој порача дека ваквите средби се можност за корисно и отворено другарување и се потврда на широката и сеопфатна соработка меѓу поетите, младите и возрасните, од балканските простори.
Напладне, учесниците ги прими и им посака плодно создавање, другарување и зближување претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.
Првиот работен ден учесниците на кампот го искористија за посета на вечното живеалиште на писателот Ванчо Николески, каде што положија цвеќе и оддадоа почит на бардот на литературното творештво за деца и млади кај нас.
Утре учесниците ќе имаат прием и ќе се запознаат со дејноста на НУ Библиотека „Григор Прличев“, една од најстарите библиотеки со најбогат книжевен фонд во Македонија и пошироко. Ќе проследат и предавање за животот и делото на „таткото на глобализацијата“, Михаило Пупин, што ќе го одржи професорот д-р Павле Митрески.
Во вечерните часови учесниците ќе ги разгледаат најзначајните споменици на македонската историја, култура и писменост во старото градско јадро, а во КИЦ „Ацо Долард“ ќе проследат предавање за холандскиот автор А. Ден Долард, автор на култниот роман „Свадба во Охрид“ и еден од првите промотори на Охрид во светот во минатиот век.
Третиот и последен ден, 23 август, манифестацијата се сели на територијата на Општина Дебрца, односно во родното село на Николески, Црвена Вода.
Во Белчишта, седиштето на општината, прием за учесниците ќе приреди градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски.
Манифестацијата се одржува со финансиска поддршка на Општина Охрид и Општина Дебрца.


