Реновирани простории, нова медицинска опрема и проширени можности за дијагностика и лекување. Одделението за внатрешни заболувања со пнеумофтизиологија при ЈЗУ Општа болница Охрид во изминатиот период доби подобрени услови за пациентите и за медицинскиот персонал.
Одделението е целосно реновирано, а значително е обновена и медицинската опрема. Набавен е нов ендоскопски апарат за гастроскопија и колоноскопија, современи монитори за следење на виталните параметри, перфузори и друга медицинска опрема.
Во текот на годинава е поставен и централен довод за кислород, што овозможува поефикасна примена на кислородната терапија кај пациентите на кои им е потребна.
Новина е и Центарот за обезност, преку кој се воведува мултидисциплинарен пристап во превенцијата, дијагностиката, третманот и следењето на пациентите со прекумерна телесна тежина и обезност.
Во рамките на одделението функционира Ургентната интернистичка амбуланта, која работи 24 часа, седум дена во неделата. Пациентите имаат на располагање и Центар за дијабет, како и Дневна болница каде што се спроведува парентерална терапија и краткотраен медицински третман без потреба од хоспитализација.
Се изведуваат и повеќе дијагностички процедури – гастроскопија и колоноскопија, абдоминални и плеврални пункции, спирометрија, алерголошки тестирања, ехотомографски прегледи на тироидната жлезда и абдоменот, како и доплер-прегледи на екстремитетите.
Обемот на работа го покажуваат и податоците од изминатата година. На одделението биле реализирани 13.960 прегледи, а хоспитализирани и лекувани 535 пациенти.
Во Дневната болница терапија примиле 1.265 пациенти, додека во Центарот за дијабет биле прегледани и третирани 4.141 пациент.
Во гастроентерологијата биле направени 215 гастроскопии и 64 колоноскопии. Во пулмоалергологијата се реализирани 1.378 спирометрии, а кај 284 пациенти биле направени кожни алерголошки тестови.
За пациентите се грижи тим составен од 10 специјалисти интернисти, меѓу кои двајца гастроентерохепатолози, двајца ендокринолози и еден пулмолог, како и двајца доктори по општа медицина, медицински сестри и останатиот болнички персонал.
Одделението располага со 7 болнички соби и 3 апартмани, со вкупно 21 болнички кревет.
Со обновен простор, нова опрема и проширени услуги, Одделението за внатрешни заболувања со пнеумофтизиологија продолжува да ги унапредува можностите за дијагностика, лекување и 24-часовна грижа за пациентите од Охрид и регионот.




