ОВР Струга поднесе кривична пријава против Р.М. (69) и А.Б. (40), двајцата од Струга, како и против Н.Р. (57) од струшкото село Поум, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според пријавата, Р.М., поранешен градоначалник на Општина Струга, за време на мандатот ја искористил својата службена положба и овластување, при што со пропуштање на должен надзор постапил спротивно на Законот за градење.
Тој, како што е наведено, противправно потпишал одобрение за градење на катастарска парцела во струшкото село Мислешево.
Второ- и третопријавениот, во својство на советник во Секторот за урбанизам, комунални дејности, сообраќај и заштита на животната средина и помошник-раководител на истиот сектор, претходно незаконски го изготвиле одобрението.
Одобрението било издадено врз основа на некомплетна документација, без приложен идеен проект и спротивно на Законот за градење.
