Културниот центар „Бран“, манифестацијата „Струшки книжевни средби“ и списанието „Бранувања“ едногласно одлучија Наградата за животно дело за 2026 година да му ја доделат на Веле Митаноски – истакнат македонски новинар, писател и општественик.
Ова признание, востановено во чест и слава на Петко Шипинкаровски, кој за нас останува траен spiritus movens во литературата и културата, годинава заслужено му припаѓа на човек кој повеќе од четири децении му служи на новинарството, вистината и пишаниот збор.
Потекнувајќи од Црвена Вода, Веле Митаноски својот животен и професионален пат го поврза со Охрид и Македонија. Како директор на „Радио Охрид“, предводник на „Езерски глас“ и дописник на ТАНЈУГ, тој беше сведок на едно од најзначајните времиња во поновата македонска историја.

Во годините на распадот на југословенската федерација и создавањето на независна Македонија, неговото перо беше сведок на настаните, но и чувар на историската вистина. Неговите дела „Рани спомени“ и „Спомени-рани“ се продолжение на таа мисија – записи во кои се испреплетуваат лично сведоштво, македонската историја и судбината на човекот во едно турбулентно време.
За Веле Митаноски говореше писателот, поет и публицист Мишо Китаноски, кој му ја врачи Наградата за животно дело „Петковиот аманет“.
„Доделувајќи му ја оваа награда, оддаваме признание не само на неговото творештво, туку и на принципот дека чесниот збор мора да се почитува, вистината да се запишува, а молкот никогаш да не биде посилен од совеста“, истакна Китаноски во својата беседа за Веле Митаноски.
„Ти благодариме за секој напишан збор. И за крај, ти посакуваме здравје, бистра мисла и уште многу испишани страници“, порача Китаноски.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
