Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен акт против шест лица за кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ од член 264 од Кривичниот законик.
Според обвинението, првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта, како инвеститор и изведувач на работите за уривање на објект на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга, со решение од Управата за заштита на културното наследство бил задолжен да изготви идеен проект со строго утврден начин на уривање.
Причина за тоа била што објектот се наоѓал во непосредна близина и делел преграден ѕид и кровна конструкција со заштитената стара струшка куќа на Владо Малески.
Но, според обвинителството, наместо идеен проект со утврден начин на уривање, првообвинетиот изготвил само основен проект. По уривањето на стариот објект, на истата парцела започнал изградба на нов објект со подрум, приземје и кат.
При ископот за подрумските простории, како што се наведува во обвинението, бил извршен широк ископ со багер, при што бил поткопан заедничкиот преграден ѕид. Тоа довело до дестабилизација и уривање на заштитената стара струшка куќа.
За помагање при извршувањето на кривичното дело се обвинети и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга. Тие, според обвинението, го изготвиле и одобриле одобрението за градење без да биде приложен идеен проект за уривање на претходниот објект на парцелата.
Обвинението го опфаќа и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој го донел одобрението со кое, спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство, на првообвинетиот му било дозволено, покрај приземје и кат, да изгради и подрум.
Обвинета за помагање е и архитектка-конзерватор во Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид. Според обвинението, таа изготвила мислење без забелешки во однос на усогласеноста на проектот со насоките од Управата за заштита на културното наследство и ја заверила техничката документација во која, спротивно на решението на Управата, била предвидена и изградба на подрумски простории.
Со дејствијата на обвинетите, на 15 октомври 2025 година била оштетена старата струшка куќа на улицата „Браќа Миладиновци“, која е прогласена за значајно културно наследство.
