Во Охрид е отворен првиот Дневен центар за стари лица, наменет за дружење, рекреација, различни активности и квалитетно поминато време на повозрасните сограѓани.
Центарот е реализиран од Општина Охрид со поддршка од Светска банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади, а носител на проектот е Здружението на граѓани ВОПС.

„Нашите повозрасни сограѓани го градеа Охрид и со својот труд го создаваа градот што денес го имаме. Затоа заслужуваат почит, внимание и грижа, но и простор каде што ќе бидат активни, заедно и дел од заедницата“, порача охридскиот градоначалник при отворањето.
За реализација на проектот, од општинскиот буџет се издвоени 438.000 денари. Општина Охрид го обезбеди просторот во кој е сместен Центарот, ги подмирува месечните комунални трошоци и обезбеди комбе за транспорт на корисниците, со капацитет 8+1.
Дневниот центар работи од 8 до 16 часот, а во моментов го посетуваат околу 30 корисници.

Од Општина Охрид посочуваат дека и во иднина ќе продолжат со вложувања во социјални услуги и проекти насочени кон подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од сите генерации.
