Сиљаноски: Над 51 отсто од програмата реализирани за една година

Повеќе од 51 процент од четиригодишната изборна програма е реализиран или е ставен во напредна фаза на реализација во првата година од мандатот, објави градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, во отчетот за сработеното во изминатите речиси 365 дена.

Како што истакна Сиљаноски, во изминатиот период фокусот бил ставен на инфраструктурата, локалниот економски развој, водоснабдувањето, комуналните услуги, земјоделството, социјалната заштита, образованието, спортот и поддршката на младите и семејствата.

Една од најзначајните инвестиции што ја посочи градоначалникот е новата фабрика за производство на еластични огради во Мешеишта. Објектот е во фаза на изградба, а инвестицијата е вредна шест милиони евра и, според Сиљаноски, треба да донесе и нови работни места.

Во инфраструктурата, како што наведува градоначалникот, во Оровник започна реконструкцијата на главната улица од влезот во селото до сретселото и црквата „Св. Илија“, во должина од 550 метри. Проектот опфаќа и ново улично осветлување и тротоари, а вредноста е 11,5 милиони денари. Во подготвителна фаза е и асфалтирањето на улицата кај крстот во должина од 250 метри, со поставување нов водоводен цевковод од 350 метри. Подготвена е и техничка документација за нова спортска сала во основното училиште во Оровник.

Во Горенци е во почетна фаза асфалтирањето на улица во должина од 220 метри, а целосно е реконструирана заштитната ограда на игралиштето кај училиштето и се набавени нови грејни тела.

Во Волино е завршена целосната реконструкција на Домот на културата на сретсело, инвестиција вредна 6,5 милиони денари. Асфалтиран е и патот до црквата „Св. Петка“ во должина од околу 700 метри, со поставување ново улично осветлување, тротоари и пешачки патеки, во вкупна вредност од 5,7 милиони денари.

Во Мешеишта се асфалтирани улицата „Романка“ и уште две улици со вкупна должина од 650 метри и вредност од околу три милиони денари. Тампониран е и пат во должина од 300 метри. Во тек е партерно уредување на сретселото и реконструкција на споменикот, инвестиција од 2,7 милиони денари. Во почетна фаза е и изградбата на крак од канализациската мрежа, вреден 1,1 милион денари, додека започна и реконструкцијата на локалниот пат Мешеишта – Волино, вредна 15,5 милиони денари.

Во Злести е асфалтирана улица од сретселото кон излезот за Лешани, во должина од 400 метри, со вредност од 1,6 милиони денари. Исплатени се и 6,5 милиони денари за патниот правец до манастирот „Св. Богородица“. За патниот правец до манастирот „Св. Богородица“ во Ботун, според отчетот, се исплатени 8,5 милиони денари.

Во Лешани е пробиен и асфалтиран патот до манастирот „Сите Светии“ во должина од 350 метри, вреден 1,3 милиони денари. Со општинска механизација е пробиен и нов пат во должина од 600 метри до црквата „Св. Атанасиј“. Направени се и анализи за изградба на нова пумпна станица во близина на селото, со која, според Општината, треба да се обезбедат дополнителни количини вода во критичните периоди.

Објектот на старото основно училиште во Лешани е целосно реконструиран со инвестиција од 2,3 милиони денари, а во следниот период ќе биде понуден под закуп за маркет или колонијален објект. Во почетна фаза е и изградбата на бетонски канали за наводнување, во вкупна должина од 550 метри.

Во Издеглавје, со средства од Министерството за транспорт, е поставен асфалт од главниот пат до манастирот „Св. Димитрија“, во должина од еден километар и вредност од осум милиони денари. Закрпени се и ударните дупки на патниот правец Издеглавје – Слатино.

Асфалтирани и уредени се делови од инфраструктурата и во Слатински Чифлик, Врбјани, Долно Средорече, Годивје и Лактиње. Во Долно Средорече е асфалтирана улица во должина од 630 метри, за што се издвоени близу четири милиони денари, додека во Лактиње е асфалтирана улица во должина од 100 метри.

Во Брежани е уреден дворот на црквата „Св. Петар и Павел“ со бекатон-плочки, во вредност од 420 илјади денари. Во Велмеј се уредени изворите „Горно Поле“, заедно со банкините на регионалниот пат Ботун – Велмеј.

Од Општината посочуваат дека е решен и долгогодишниот проблем со патниот правец Требеништа – Мислешево, откако Општина Струга го доасфалтирала делот од патот што се наоѓа на нејзина територија.

Во делот на водоснабдувањето, во фаза на изградба е нова каптажа за зафаќање дополнителни количини вода во месноста Опчели – Караорман. Според Сиљаноски, со ова треба да се обезбеди квалитетна вода за пиење за шест села во општината.

Во Белчишта, по повеќедецениски најави, се гради гаража и противпожарна станица за доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“. Инвестицијата е вредна 2,4 милиони денари, а уреден е и дворот пред здравствениот дом.

Во Песочани е во фаза на изградба бетонски канал за наводнување во должина од 200 метри, а изграден е и нов базен за одбележувањето на празникот Водици.

Општината, според отчетот, во изминатата година работела и на одржување на локалната патна мрежа. Само на патниот правец Ботун – Брежани се исчистени 17 километри крупна вегетација, канали и пропусти. Расчистување на вегетацијата е направено и на правците Белчишта – Ново Село, Годивје – Врбјани – Лактиње и Требеништа.

Паралелно се одржуваат и полските патишта, а за земјоделците се исплатени повеќе од 8,2 милиони денари за претрпени штети од непогоди.

Во рамки на грижата за културно-историското наследство, санирани се пристапните патишта до повеќе споменици и локалитети. Уредени се 12 километри пат до споменикот на Славеј Планина, шест километри пат од Лешани до споменикот во Српница и седум километри до манастирот „Св. Илија“ на Илинска Планина. Уредени се и спомениците од НОБ во Белчишта и Ботун, а во Слатино е откриена биста на бранителот Игор Костески. Во Требеништа започнала реализацијата на проектот „Златна маска“.

Значаен дел од отчетот се однесува и на комуналните услуги. Сиљаноски посочува дека ЈКП „Дебрца“ е опремено со нова механизација и возила. Преку донација од Град Виена обезбеден е камион за смет „МАН“ вреден 30 илјади евра, а набавени се и ново комунално возило и „Фолксваген транспортер“.

Општината набавила и нов трактор со нож за снег, мулчер и пила за гранки, во вредност од над 2,6 милиони денари, како и специјална машина за чистење канализации вредна 1,2 милиони денари. Во соработка со Министерството за животна средина се обезбедени 480 нови канти за отпад, а вработените добиле нови униформи.

Општината ги презела и обврските од 5,5 милиони денари за потрошена електрична енергија од пумпните станици. Лансирана е нова веб-страница со можност за онлајн плаќање, а исчистени се и дивите депонии во Грко Поле и Сини Вирој. На плажата „Дебрца“ е реализирана еко-акција во рамки на која, според отчетот, биле собрани 12 кубни метри отпад и било спроведено првото подводно чистење на езерото.

Во социјалната политика, Општина Дебрца вовела повеќе мерки за поддршка на младите, семејствата и локалната економија. Секој жител до 21 година добива субвенција од 20.000 денари за полагање возачки испит, додека локалните продавници добиваат по 10.000 денари месечна субвенција.

За поддршка на наталитетот се доделуваат 100.000 денари за трето дете, по 6.000 денари за прво и второ дете и за секое новороденче, како и 30.000 денари поддршка за млади брачни парови.

Предвидена е и помош до 30.000 денари за семејства погодени од елементарни непогоди, како и парична помош за лекување и социјални пакети.

Како една од поновите мерки е наведено и воведувањето бесплатен јавен превоз за сите граѓани секоја недела.

Во образованието, за првпат во општината се обезбедени бесплатни училишни униформи за сите 178 ученици. Секој ученик добил четири маици, два блузони и два дуксери. Секое прваче добива по 10.000 денари и целосно опремен ранец.

Општината го покрива и бесплатниот ученички превоз, а се обезбедени стипендии, награди за најуспешните ученици, бесплатни екскурзии и превоз за ученици кои учествуваат на натпревари.

Во отчетот се наведува и поддршката за спортските клубови, културно-уметничките друштва и турнирите во мал фудбал.

Сиљаноски посочи и на резултатите во делот на даночната транспарентност. Според него, Центарот за економски анализи ја позиционирал Дебрца меѓу петте општини со најголем напредок во даночната транспарентност, со подобрување од 25 проценти.

„За само една година, реализиравме или донесовме во напредна фаза на градба повеќе од 51 процент од нашата четиригодишна изборна програма“, порача Сиљаноски, оценувајќи дека реализираните проекти се резултат на домаќинско управување со општинскиот буџет.

Тој најави дека работата продолжува и во следниот период, со порака дека општинските екипи и механизацијата остануваат на терен, а граѓаните ќе можат да го контактираат градоначалникот во неговиот кабинет секоја сабота.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани