„Воден рај на Европа – Охридското Езеро“ вечерва во кино „Фросина“

Документарниот филм „Воден рај на Европа – Охридското Езеро“ на германската авторка Корнелија Фолк вечерва ќе биде прикажан во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 18:45 часот.

Филмот ја раскажува приказната за Охридското Езеро, едно од најзначајните природни богатства во Европа, кое се издвојува по својата старост и исклучителната биолошка разновидност. Во неговите води живеат бројни ендемични видови, меѓу кои и охридската пастрмка, која со децении го привлекува вниманието на научниците, рибарите и уметниците.

Преку впечатливи снимки над и под водната површина, филмот ја открива убавината на езерото, неговиот жив свет и тајните што ги чува, но и неговото значење за природното и културното наследство на регионот.

Авторката Корнелија Фолк веќе неколкупати учествувала на фестивалот „Ехо“ со филмови инспирирани од природните богатства на Македонија. Во 2012 година го претставила филмот „Во срцето на Балканот: Пеликаните на Преспа“, а во 2020 година учествувала со „Животни на границите“.

Пред вечерашната проекција ќе се обратат Фросина Пандурска-Драмиќанин, долгогодишна соработничка на авторката, која работела како локален продуцент и преведувач на филмот, и Илија Пиперкоски, режисер и продуцент од Охрид.

Проекцијата е закажана за вторник, 27 октомври, во 18:45 часот, во кино „Фросина“ при МКЦ во Скопје.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани