Општина Дебрца продолжува со интензивни инфраструктурни активности во повеќе населени места. Во тек се реконструкции на улици, уредување училишни дворови, санација на училишни простории и расчистување на јавни површини.
Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, заедно со претседателот на Советот на општината, денеска ги посети населените места во кои истовремено се реализираат градежни и комунални активности.
Во Мешеишта се работи на уредување на споменикот во центарот на селото и на патниот правец Мешеишта – Волино, а предвидени се и средби со жителите за решавање на долгогодишни проблеми. Во Сливово се расчистува централниот простор кај старото училиште, додека во Лешани во завршна фаза е адаптацијата на старото училиште во колонијален дуќан, со што ќе се обезбеди и просторија за занимална за младите.
Во Лактиње е завршено асфалтирањето на нова улица во должина од 90 метри.
Позначајни активности се реализираат и во Требеништа, каде што се уредува училишниот двор, се поставува нова заштитна ограда, улично осветлување, клупи и канти за отпад, како и хортикултурно уредување.
Во Оровник се реконструира и проширува главната улица пред храмот „Свети Илија“, со изградба на нови тротоари и поставување модерно осветлување.
Во Белчишта се реконструираат санитарните јазли и две училници во училишната зграда, а завршено е и чистењето на каналот од влезот на селото до општинската зграда, во должина од над 700 метри.
Во Горенци, пак, се расчистува крајпатната вегетација и се прошируваат банкините со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Градоначалникот Сиљаноски најавува дека активностите ќе продолжат и во наредниот период, со цел инфраструктурните подобрувања да ги опфатат сите населени места во општината.
„Дебрца се буди и се гради домаќински, чесно и одговорно. Ова е само почеток“, порачува Сиљаноски.







