Инвестиција вредна над 10 милиони евра, нов производствен комплекс и стратешко партнерство со Владата. Во Охрид беше поставен камен-темелникот на новата фабрика на АСП ПАК, компанија која произведува полиетиленска плетена амбалажа и заштитни мрежи наменети за земјоделството, градежништвото и индустријата.
Со новиот производствен капацитет, компанијата планира двојно зголемување на производството, модернизација на технологијата и проширување на присуството на меѓународните пазари.

За стратешкото партнерство со Владата и поддршката на инвестицијата зборуваше премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека проектот има голема додадена вредност.
„Ние како Влада сме партнери, ќе го поддржиме, се разбира, овој инвестициски проект, затоа што веруваме дека има голема додадена вредност. И на тој начин само ќе се потрудиме заедно со инвеститорот дополнително да ја потврдиме лидерската позиција во светски рамки“, изјави Мицкоски.
„За нас ова не е само финансиска поддршка. Ова е ветер во грб, признание дека сме на вистински пат, но и уште поголема одговорност“, изјави Кирил Спасески од АСП ПАК, говорејќи за стратешкото партнерство со Владата.

Новата фабрика ќе биде современ производствен комплекс во кој ќе се применуваат роботизација, автоматизација и вештачка интелигенција. Според најавите на компанијата, технологијата нема да значи намалување на бројот на вработени, туку унапредување на производството и создавање нови можности.
„Технологијата ќе му помага на човекот, но човекот ќе биде тој што ќе ја води технологијата“, истакна Спасески.
Меѓу конкретните цели што компанијата ги поставува со завршувањето на проектот се минимална нето-плата од 1.000 евра, просечна плата од 1.500 до 2.000 евра, 100 проценти квалитет, преполовување на роковите за испорака и двојно поголем производствен капацитет.
Значењето на инвестицијата за локалниот економски развој го истакна и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
„Новиот производствен комплекс претставува значаен инвестициски чекор и потврда дека Охрид има потенцијал да придонесе кон развојот на македонското стопанство. Оваа инвестиција ќе значи нови работни места, јакнење на бизнис-секторот и дополнителен поттик за локалниот економски развој“, изјави Пецаков.
Меѓународното значење на компанијата го потврдува и нејзината долгогодишна соработка со деловни партнери од повеќе земји. АСП ПАК има околу 1.000 производи во своето портфолио, а нивниот пласман опфаќа над 50 пазари.
Новата инвестиција треба да донесе дополнителен развој на компанијата, нови можности за вработените и зајакнување на локалната економија, а Охрид да го позиционира како место од кое се создаваат производи конкурентни на светскиот пазар.
