По повод празникот 8 Декември – Св. Климент Охридски, Општина Охрид распиша конкурси за доделување повелби и општинската награда „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2026 година.
Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во различни области од општествениот живот, кои се од особено значење за развојот, напредокот и афирмацијата на Општина Охрид во земјава и во светот, во период од една година.
Право на учество на конкурсот имаат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци. Заедно со пријавата треба да се достават кратка биографија, образложение за постигнатите остварувања и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец од областа во која се конкурира. Повелбите може да им бидат доделени на најмногу пет добитници.
Вториот конкурс се однесува на општинската награда „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“, која се доделува за животно дело, односно за долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот, со особен придонес за развојот, напредокот и афирмацијата на Охрид.
И за оваа награда може да конкурираат установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и поединци, со доставување кратка биографија, образложение за придонесот и најмалку една препорака од релевантна институција или истакнат поединец.
Општинската награда се доделува на еден добитник, само еднаш, и не може да се подели меѓу повеќе добитници.
Рокот за пријавување на двата конкурса е 15 календарски дена од денот на објавувањето. Пријавите треба да се достават во затворен плик на адреса: улица „Димитар Влахов“ бр. 57, со назнака до Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија, со наведување на конкурсот за кој се аплицира.
Пријавите доставени по истекот на рокот нема да бидат разгледувани.
Наградите и повелбите се доделуваат во рамки на одбележувањето на празникот на градот, 8 Декември – Св. Климент Охридски.
