Себо не ги остава ножиците – повеќе од шест децении берберски занает во Струга

Раце што создаваат фризури, но и приказни за едно време, за луѓето и за градот.

Струга е град во кој берберскиот занает има долга традиција. Во старите струшки дуќани се учел занаетот, а знаењето се пренесувало од мајстор на ученик, заедно со умешноста, трпението и чувството за работа.

Но берберството не е само приказна за минатото. Тоа е занает кој продолжува да живее и да се менува со времето.

Во едно од тесните сокачиња на струшката чаршија, во берберницата „Младост“, и денес работи пензионираниот бербер Себахудин Спахо, познат меѓу сограѓаните како Себо. Иако одамна ги исполнил условите за пензија, љубовта кон професијата не му дозволува да ги остави ножиците. Шиша и бриче, а услугите ги наплаќа по симболични цени.

Наместо некогашните едноставни алатки, денес берберите користат современи ножици, електрични машинки, четки и различни препарати. Но зад секоја промена на изгледот и понатаму стојат знаењето, прецизноста, чувството и креативноста на мајсторот.

Берберството со текот на времето прерасна во вистинска уметност на обликување, боја и стил. Ножиците ја менувале својата форма и намена, но нивната основна задача останала иста – со вешта рака да се обликува косата. Денешниот бербер не ја менува само фризурата, туку се грижи и за целокупниот изглед, од веѓите до брковите.

Некогаш биле доволни ножици, рачна машинка, чешел и искусна рака. Денес техниките се усовршени, алатките се современи, но суштината останува непроменета – знаењето и умешноста на мајсторот.

Себахудин Спахо со берберскиот занает се занимава повеќе од шест децении. Неговиот професионален пат започнал од желбата да научи нешто ново, а со текот на годините берберството станало негова професија, креативен простор и постојано учење.

За него секоја коса и секоја глава се различни. Секоја промена е нов предизвик, а секоја идеја бара знаење за да стане реалност. Мајстор не се станува преку ноќ. Мајсторството се гради со години работа, учење, обиди и усовршување, но пред сè со љубов кон занаетот.

Низ рацете на Себо поминале генерации стружани. Меѓу нив посебно место имаат поранешните фудбалери на ФК „Караорман“, кои пред секој натпревар доаѓале на шишање и дотерување, и тоа бесплатно. Себо бил еден од најголемите поддржувачи и навивачи на клубот, а и денес е член на неговиот Управен одбор.

Се сеќава дека не пропуштал натпревар на „Караорман“, без разлика дали се играл дома или на гостински терен. Секогаш бил покрај фудбалерите, да ги бодри и да им даде поддршка.

Дел од тие спомени и денес се зачувани на ѕидовите во неговата берберница. Старите весници, фотографиите и исечоците со фудбалерите на „Караорман“ и стара Струга сведочат за едно време, за пријателствата и за нераскинливата врска меѓу берберот, спортот и градот.

За Себо, пензионирањето не значело и збогување со професијата. Во берберницата „Младост“ и понатаму ги пречекува муштериите, ги зема ножиците и продолжува да го работи она што го знае најдобро.

Зашто некои занаети не се работат само за заработка. Тие се дел од животот, од идентитетот и од љубовта кон луѓето.

Стојан Кукунешоски

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани