Театарската претстава „Кокошка“, според текст на рускиот драматург Николај Кољада, на 25 ноември ќе биде изведена во Охрид. Гостувањето на Театар Вортекс од Скопје е закажано во малата сала, со почеток во 20 часот.
Режијата е на Теодора Силјаноска, а во претставата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева.
„Кокошка“ ја истражува потребата за слобода, копнежот и страста да се сака и сонува, дури и кога светот станува студен и апатичен. Преку комедија на апсурдот, импровизација и анализа на извитоперените вредности, суетата, лековерноста и моралната искривеност, актерите го создаваат светот на ликовите пред очите на публиката.
Во срцето на претставата е младоста, претставена како немирна и искрена сила, гладна за промени, која се судира со навиките, рамнодушноста и стравот. Преку играта, ликовите се обидуваат да се справат со внатрешниот хаос и со непредвидливоста на светот околу нив.
Костимографијата е на Марија Пупучевска, соработник за сценски движења е Дарко Велиќ, додека изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска. Дизајнот на плакатот е на Михаил Велески, а фотографиите се на Луција Спасевска.
Влезниците чинат 300 денари и се продаваат на билетарницата. Таа работи секој работен ден од 10 до 17 часот, како и на денот на изведбата од 13 до 20 часот.
Независниот театарски проект е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам, Прилепска пиварница, Bonanca Urban и Кораб Трница.
