Нов фитнес-центар во Лешани со донација од почесниот конзул на Србија

Општина Дебрца доби новоопремен фитнес-центар во селото Лешани, наменет за учениците и локалното население. Станува збор за проект реализиран со донација од почесниот конзул на Република Србија, Михајло Филев.

Градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, денеска изврши увид во новиот простор, заедно со националната координаторка за туризам Билјана Стефаноска, директорката на ООУ „Дебрца“, Елена Ристоска, и наставникот по физичка култура Горан Цветковиќ.

Фитнес-центарот ќе обезбеди современи услови за реализација на наставата по физичко образование, но и можности за спорт и рекреација на жителите.

Сиљаноски упати благодарност до донаторот за поддршката, истакнувајќи дека вложувањето во спортот, образованието и здравиот развој на младите останува еден од стратешките приоритети на локалната самоуправа.

„Со искрена волја и успешна соработка меѓу локалната самоуправа, образовните институции и меѓународните партнери, создаваме европски стандарди и во руралните средини. Нашата цел е на младите да им понудиме квалитетни услови за живот, спорт и напредок токму тука, во нивниот роден крај“, порача Сиљаноски.

Тој најави дека Општина Дебрца ќе продолжи со реализација на современи спортски содржини и во останатите населени места, во насока на рамномерен развој на целата општина.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани