Во Подгорци, под планината Јабланица, сè уште одекнува звукот на теслата во малата работилница на 64-годишниот Фатмир Авмедоски.
Веќе 40 години тој го чува самарџискиот и налбатскиот занает – изработува самари и потковува коњи, магариња и мазги.
Во текот на својот работен век изработил повеќе од 800 самари. Некогаш правел по 40 годишно, кога муштериите чекале на ред, а денес едвај десетина.
Од педесетина самарџии колку што некогаш имало во Струшко, Фатмир е еден од последните што сè уште ја одржуваат оваа традиција.

„Од мајстор станав крпач“, вели тој, бидејќи денес повеќе поправа стари самари отколку што изработува нови. Со исчезнувањето на селата и намалувањето на бројот на добитокот, исчезнува и потребата од овој занает.
Но, Фатмир не се откажува. И кога нема нарачки, изработува самари за резерва. Работи со традиционални алати, тесла, стругалки и игли, далеку од современата технологија.
„Дури и денар да не фрла, не би откажал од неа“, вели мајсторот.
Приказна за човек кој не заработува само леб од својот занает, туку со своите раце чува дел од традицијата и некогашниот селски живот.
текст и фото Стојан Кукунешоски
