Народен Театар Охрид се враќа со уште една награда од Меѓународниот театарски фестивал “Денови на комедија” во Куманово.
Актерката Марија Новак ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за ликот на Косара, во претставата “Секс лаги и љубомора” од Марк Комплети, во режија на Коле Ангеловски.
-Фала Господе за дарбата за хумор, нека и вака да му служиме на народов, барем 2-3 саати да си даде оддишка од бремињата на времињава, напиша актерката на својот фејсбук профил.
Жири комисијата во состав: Александар Ивановски (претседател), Катерина Момева, Петар Андоновски, Ева Камчевска и Стефан Јакимовски (членови) ги донесе следниве одлуки за награди на 27 издание на МТФ Денови на комедија Куманово:
Најдобра главна машка улога, Фаик Мефаиловски „Вечера за глупаци“ Театар Велес;
Најдобра споредна машка улога, Марко Трајковиќ „Како што сакате“ Театар Куманово;
Најдобра главна женска улога, Марија Минчева Андонов „Женидба“ Театар Штип;
Најдобра споредна женска улога, Марија Новак „Секс, лаги и љубомора“ Театар Охрид;
Најдобра режија, Куштрим Бектеши „Итроштините на Патук“ Театар Тетово;
Најдобра претстава, „Пар – распар“ Театар комедија, Скопје;
Најдобра сценографија, Марија Ветероска „Како што сакате“ Театар Куманово;
Најдобра костимографија, Лидија Георгиева „Како што сакате“ Театар Куманово.
Претставата “Секс, лаги и љубомора” повторно на репертоарот на Народен театар Охрид ќе биде на 31.10.2024.