Богата новогодишна програма во Охрид

Општина Охрид подготви богата забавна програма по повод претстојните новогодишни празници, со бројни музички и културни настани наменети за сите генерации. Централните случувања ќе се одржат на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, каде охриѓани и туристи ќе имаат можност да уживаат во празнична атмосфера и разновидна програма.

На 31 декември, во пресрет на дочекот на Новата 2026 година, од 20:00 часот ќе настапат македонската поп-ѕвезда Влатко Лозановски, охридската фолк икона Ефто Пупиноски, Ѓоко Танески, како и DJ Yuxell и DJ Bagzi. Прославата продолжува и на 1 јануари, кога од 20:00 часот за забавата ќе се погрижат легендарната група „Меморија“ и музичкиот состав „Фузија“.

Новогодишната програма и оваа година го вклучува проектот „Охридска новогодишна приказна“, кој започнува на 27 декември и опфаќа низа забавни и културни настани за најмладите, но и за сите генерации. Дел од програмата ќе се реализира во претпладневните, а дел во вечерните часови.

Во рамки на „Охридска новогодишна приказна“, на 27 декември ќе се одржи хуманитарниот новогодишен базар „Вино и винил“ на Сараиште, како и повеќе детски театарски претстави и културно-забавниот настан „Зимска бајка“ во НУЦК „Григор Прличев“. Следните денови се најавени детски музички фестивали, театарски претстави, меѓународен фестивал на улична уметност „Баскер фест“, новогодишни комични шоуа и музички настапи, меѓу кои и настап на младата македонска ѕвезда Христијан Настески – Пајак, како и повеќе локални и младински музички состави.

На 31 декември, покрај вечерната програма, преку денот се предвидени детска театарска претстава, концерт „Златни 80-ти“ во изведба на учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“, како и настап на DJ Ace.

Богата музичка програма е подготвена и по повод празникот Богојавление – Водици. На 19 јануари, на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ ќе настапат фолк дивата Елена Велевска и младата пејачка Елена Андоновска, додека на 20 јануари, по повод Денот на рибарите, во месноста Сараиште ќе настапат изведувачи од охридскиот музички еснаф.

Општина Охрид ги повикува граѓаните и посетителите да бидат дел од празничната програма и да уживаат во неповторлива новогодишна атмосфера во градот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани