На 31 мај ќе се одржи четвртата по ред меѓународна еко-акција за чистење на Охридското Езеро под мотото „Нов живот за езерото“, со цел зачувување на природните вредности и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
Во акцијата ќе учествуваат нуркачки клубови и учесници од Македонија, Србија и Хрватска, како и волонтери, граѓани, еколошки активисти и љубители на природата, кои преку заедничка акција ќе придонесат за зачувување на едно од најзначајните природни богатства во регионот – Охридско Езеро.
Еко-акцијата ќе се одржи на плажата кај хотел „Бисер“ во Калишта, со почеток во 10 часот.
Организатори на настанот се Нуркачки клуб за подводни активности „Езерски Пулс“ и Нуркачки клуб „Скаут“ – Струга, кои и оваа година ја продолжуваат својата мисија за подигнување на еколошката свест и заштита на природата.
Од организаторите посочуваат дека оваа иницијатива со текот на годините прераснала во препознатлив меѓународен еколошки настан што обединува луѓе со иста цел – чиста природа, чисто езеро и поголема грижа за животната средина.
„Преку заедничка работа и личен пример испраќаме порака дека заштитата на природата не е само обврска на институциите, туку заедничка одговорност на сите нас“, велат организаторите.
Упатен е и отворен повик до сите заинтересирани граѓани, нуркачи, спортски клубови, млади и волонтери да се приклучат на акцијата и да дадат свој придонес за почисто и поздраво Охридско Езеро.
