До крајот на годинава се очекува да заврши реконструкцијата на новото болничко крило во Специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Инвестицијата ќе надмине два милиони евра, избрана е фирма која ќе ги заврши градежните работи, а со проектот болницата ќе добие нови операциони сали, современа интензивна нега и подобри услови за пациентите.
Се очекува со ставањето во употреба на новото крило да се зголеми и обемот на интервенции, а „Св. Еразмо“ да прерасне во регионален центар за ортопедија и неврохирургија.
Министерот за здравство Сашо Клекоски рече дека во тек се и постапките за набавка на медицинската опрема, а рокот за завршување и ставање во употреба на новото крило е до Нова година.

„Тоа се водеше долго време заедно, за да се затвори финансиската конструкција, избран е добавувач кој треба да ги заврши градежните работи, постапките за набавка на опрема дел се во тек, дел ќе бидат обновени, и јас, еве, би ставил рок да до Нова година, за да си направиме приписок, до Нова година новото крило, и тоа е цела нова болница, биде ставена во употреба“, рече Клекоски.
За раководството на „Св. Еразмо“, завршувањето на крилото отвора можност за проширување на медицинските услуги и создавање услови за развој на ортопедијата и неврохирургијата.

Директорот на „Св. Еразмо“, Хари Шокароски, рече дека целта е установата да се развие во референтен центар во овие две области.
„И мислам, ќе се потрудиме, меѓу другото, да поставиме една, можеби, најрепрезентативна институција од областа на ортопедијата и неврохирургијата. Значи, како што го градиме патот, прво со, па потоа сега со заложби на Владата на Република Македонија, со мака поддршка, каква имаме, да станеме еден референтен центар во ортопедијата и во неврохирургијата“, рече Шокароски.
Реконструкцијата на новото болничко крило започна во 2016 година. Иако поголем дел од градежните работи беа завршени, проектот со години беше во застој.
Новинар: Соња Рилковска
