Во предворјето на Црква Света Софија утре, 1 јули, со почеток во 19:30 часот, ќе се одржи добротворен концерт со кој ќе биде одбележан јубилејот – 15 години од постоењето на ресторанот „Кај Каневче како дома“.
Настанот ќе има хуманитарен карактер, а собраните парични средства ќе бидат наменети за поддршка на лица, особено деца, кои се соочуваат со дијабетес.
За музичкиот дел од вечерта ќе бидат задолжени Ѓоко Ѓорчев и Катерина Танева, кои со своите настапи ќе придонесат оваа вечер да биде исполнета со емоции и хуманост.
Организаторот Димче Каневче вели дека идејата е јубилејот да се одбележи на поинаков начин – преку заедништво и помош за оние на кои поддршката им е најпотребна.
„Со огромно задоволство, чест и возбуда го најавуваме добротворниот концерт со кој ќе го одбележиме јубилејот – 15 години ‘Кај Каневче како дома’. Собраните средства ќе ги намениме за поддршка на лица со дијабетес, а дополнително ќе информираме за конкретните активности“, изјави Каневче.
Организаторите најавуваат и дополнителни изненадувања, со порака дека секој посетител со своето присуство ќе биде дел од една убава и хумана приказна.
