Концерт „Спомени од минатиот век“ во ОхридВо ОМУ Методи Патче на 4 јули, со почеток во вечерните часови, љубителите на класичната музика ќе имаат можност да проследат концерт на камерното дуо пијанисти Искра Атанасова-Митуш и Михаил Јагуриноски, насловен „Спомени од минатиот век“.
Станува збор за концерт за четирирачно пијано, на кој двајцата уметници ќе изведат дела од двајца музички великани на 20 век – Сергеј Рахмањинов и Џорџ Гершвин.
Пијанистката Искра Атанасова-Митуш вели дека концертот претставува музичко патување низ еден исклучително богат и влијателен период во светската музичка историја.
„На концертот ‘Спомени од минатиот век’, заедно со мојот колега Михаил Јагуриноски, ќе изведеме програма од великаните на 20 век – Сергеј Рахмањинов и Џорџ Гершвин. Би ни било особено драго охридската публика да биде дел од ова музичко доживување“, вели Атанасова-Митуш.
Концертот е поддржан од Општина Охрид и претставува уште една можност за охридската публика да ужива во квалитетна камерна музика.
