Донација од Австралија за полицајците од охридскиот регион

Донацијата е од охридското Социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн.

Интернационалната полициска социјација (ИПА) Регион Охрид, деновиве доби донација од охридското Социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн-Австралија од 1600 парчиња заштитни ракавици и 1500 повеќенаменски заштитни маски.
Како што на својот ФБ профил објави м-р Стефан Димоски, претседател на Интернационалната полициска социјација (ИПА) Регион Охрид, „ донацијата, е дистрибуирана до полициските службеници во полициските станици во Охрид, Струга, Кичево и Дебар и ќе придонесе за подобро опремување на полициските службеници со неопходните заштитни ракавици и заштитни маски и ќе го зголеми степенот на хигиената и безбедноста во нивната работа но и во зачувување на нивното здравје“
Со тоа, нашите сонародници од Австралија, покажаа грижа за здравјето на полициските службеници кои деноноќно се на терен и несебично се ангажирани во спроведувањето на полицискиот час, обезбедување на државните карантини и во други бројни и сложени безбедносни мерки за заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19, напиша Димоски.
Упатувајќи јавна благодарност до членовите на охридското Социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн, претседателот на ИПА Охрид, Стефан Димоски, додаде: Во овие тешки денови на пандемија, кога сеуште е силна опасноста од смртоносниот вирус во Македонија и светот, овој хуман и солидарен гест на нашиот сонародници-членови на Охридското Социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн-Австралија, е вреден за почит и доаѓа во исклучително важни моменти кога, една од најважните препораки е уредбата со законска сила за носење лична заштитна опрема и е нагласена потребата на полициските службеници од заштитни маски и ракавици како начин за нивна поголема заштита од корона вирусот.
Димоски ги поздрави членовите на друштвото од Австралија со меѓународниот ИПА поздрав SERVO PER AMIKECO (Служиме низ пријателство).
Инаку ИПА регион Охрид, од почетокот на Корона кризата, преку донации обезбеди повеќе илјади заштитни маски, заштитни ракавици и дезинфекциони средста, за што, неодамна, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, и додели благодарница за хуманоста и посебниот придонес во справувањето и надминувањето на последиците од КОВИД 19.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани