Државниот завод за ревизија објави дека при спроведената ревизија е утврдено дека во дел од населените места во Општина Охрид се изведени градби и градежни активности без издадени одобренија за градење, како и без платен надоместок за уредување на градежно земјиште.
Според ревизорскиот извештај, Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а воедно не се преземени мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во подрачја со посебен режим на заштита.
Поради утврдените состојби, Државниот завод за ревизија изразил мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи, како и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива во работењето на општината.
Дополнително, ревизорите констатирале дека Општина Охрид нема евидентирано побарувања по основ на надоместок за јавна чистота, додека средствата од јавното комунално претпријатие не се уплаќаат во општинскиот буџет, со што се создаваат значителни финансиски обврски.
Целосното соопштение и деталниот ревизорски извештај се достапни на овој
линк.
Од Општина Охрид информираат дека ќе се постапува по дадените препораки од Државниот завод за ревизија, со цел отстранување на утврдените неправилности.
