Еколошка акција кај Оровник: Oд плажата „Дебрца“ отстранети над 12 кубни метри отпад

На брегот на Охридското Езеро кај селото Оровник започна голема еколошка акција за чистење на плажата „Дебрца“, во која се вклучија институции, организации и активисти со заедничка цел – заштита на езерото.

Во акцијата учествуваа Општина Дебрца, АКВАТЕК Охрид, Воден Свет Преспа Охрид и СОС Балкан Медиа Охрид, кои со заеднички сили реагираа на алармантната состојба на терен. Долж брегот и во водата беа затекнати пластика, гуми, текстил и разновиден отпад, што претставува сериозна закана за биодиверзитетот на езерото.

Само во првиот ден беа собрани над 12 кубни метри отпад, што, како што посочуваат организаторите, е доказ дека со заедничка работа може да се постигнат конкретни резултати.

„Охридското Езеро е природно наследство на целото човештво. Наша должност е да го предадеме почисто отколку што го добивме“, порачаа организаторите.

Акцијата продолжува и во наредните денови, а веќе утре е најавено подводно чистење на езерското дно кај оваа плажа, што ќе се реализира за прв пат во Општина Дебрца.

Организаторите нагласуваат дека ова не е еднократна иницијатива, туку почеток на подолгорочен процес за уредување на овој простор. Плажата „Дебрца“ кај Оровник, со својата природна убавина и локација, има потенцијал да се развие во нова туристичка атракција.

Охридското Езеро, како светско природно наследство на УНЕСКО, останува обврска за заштита – не само на институциите, туку и на секој поединец.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани