Според последните мерења нивото на Охридското езеро е намалено на три сантиметри до нултата кота.
Според УХМР езерото деновиве е на 693,20 см, односно +3 см над нултата кота од 693.17. Според официјалните податоци, минимална кота е на 693,10, а максималната е 693,75 метри над нивото на морето. Според еколозите наближувањето до нултата кота е критично.
Ваквата состојба предизвика лавина реакции на социјалните мрежи и медиумите. Еколозите и експертите алармираат ЕЛЕМ да не се однесува со Охридското езеро како да е акумулација.
Од ЕЛЕМ велат дека секојдневно ја следат состојбата со Охридското езеро.
– Годината беше сушна, дотоците се многу мали. Затекнавме загрижувачка состојба на сите акумулации во земјата. Ние ќе се потрудиме да ги задржиме нивоата на сите акумулации во некаква оптимална состојба, притоа обидувајќи се да искористиме максимум од потенцијалот. Неодамна беа остварени средби со претставници на еколошките здруженија од Охрид и Струга, при што е договорено формирање работни групи, кои координирано ќе работат на подобрување на состојбите со нивото на Охридското Езеро, изјави Драган Миновски директор на „ЕЛЕМ“.
Фото Здравко Чорбески