ФОТО: Здружението на пчелари одбележа 50 години постоење

Синоќа во општинската сала Здружението на пчелари Охрид одбележа половина век постоење. Пред присутните се обрати претседателот на здружението Наум Трпчески.

-Идејата за формирање организација која ќе се грижи за заштитата на автохтоната пчела, како и за интересите на пчеларите датира од далечната 1973 година, кога групата пчелари (интелектуалци) присуствувале на интернационалниот саем за пчеларство АПИМОНДИА кој се одржувал во Осијек. Потребата од едукација кај пчеларите била огромна, а масовноста при имплементацијата на современите практики во пчеларството кои биле презентирани на саемот била возможна само преку здружувањето. Така 1 година подоцна, на 12.Април 1974 година е основано Пчеларското Здружение кои низ годините ќе го носи името на истоимениот град „ОХРИД“, за да прави географска диференцијација на пчеларите и локални пчелни производи, рече Трпчески.

Охридското здружение на пчелари е едно од најстарите во земјава.

ПЗ „ОХРИД“ е едно од најстарите здруженија во Р.Македонија кое во изминатиот период посветено работи на едукација на своите членови, презентација на нови пчеларски практики, адаптибилност со климатските промени, едукација на населението за значењето на пчелата како есенцијален дел од еко-системот преку медиумите, значењето на пчелните производи за здравјето на човекот, а најповеќе сме посветени на создавањето пријателства помеѓу пчелите и дечињата од најрана возраст. Секако за тоа сме неизмерно благодарни за поддршката од наставниот кадар во локалните основни училишта, кои ни овозможија да одржиме интерактивни часови по пчеларство и да дадеме одговори на најразличните прашања. Нашето знаење континуирано го надоградуваме со теоретски и практични знаења од многу доајени во пчеларство кои претставуваат балкански и европски татковци на модерното, традиционално и практичното пчеларство. Нивното искуство пренесено низ зборови, за нас значи мотив за промена, желба за успех и што уште не ако не потреба и признание од заедницата, рече во својот говор Трпчески.

Нашата цел и должност како производители на примарни пчелни производи е да предизвикаме задоволство кај ценетите потрошувачи, да бидеме препознаени по автентичност, да понудиме квалитет, да ја подигнеме свеста дека пчелните производи претставуваат лек кога се користат како храна, да го следиме патот на природното и да целиме кон невозможното, само така ќе го сфатиме суштествувањето на пчелата и ќе го дадеме максимумот од себе. Низ годините наназад, можеме да се пофалиме со бројни активности кои се реализирани секако со помош на локалната самоуправа, секторот за ТЛЕР, Министерството за Земјоделство Шумарство и Водостопанство, АХВ, невладини здруженија на граѓани и сите добронамерни правни и физички лица на кои сме им неизмерно благодарни. Целиме да се унапреди соработката помеѓу пчеларството и овоштарството на национално ниво, каде бенефитите ќе бидат обострани. Воедно, бараме да се воведе регулатива каде ќе им биде дадена поголема одговорност на пчеларските здруженија, како би можеле да учествуваат во креирањето и менаџирањето со локалната политика и стратегија за развој и одржливост на природата.

На свеченоста по повод големиот јубилеј беа доделени благодарници.

ФОТОГАЛЕРИЈА:

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани