Хаос во такси превозот во Охрид. Секоја година редовно одекнуваат поплаките на охриѓани за несоодветното однесување од страна на таксистите.
Голем дел од таксисти превозниците одбиваат да возат на кратки релации, или измислуваат паушални цени за да ве однесат во населбите Варош или Месокастро, Видобишта и слично. Од центар до Самоилова, ако редовна такси линија чини 70 денари, во ек сезона се бараат двесте.
Поплаки има и од страна на туристите, на кои таксистите им наплатуваат двојно или тројно повеќе од редовната цена. Затоа голем дел од нив избегнуваат возење со такси, користат јавен превоз односно патуваат со автобус до плажите и околните села. Поплаки има и од таксистите по вода, односно кајчарите.
Туристичките работници бараат и таксистите и кајчарите да бидат униформирани. Сите да имаат беџови со име и презиме и видно истакната цена за различните релации.
Клучен проблем во сообраќајот во лето е и пренатрупаноста на такси превозници во центарот на градот.
– Хаосот со такси возачите да се среди. Да се униформисаат да се направат паркинг места каде што ке бидат паркирани. Да бидат регулирани, да бидат униформисани. Кајчињата исто така униформи со бројче, име и презиме на бројчето и да се знае и цената на услугата.Тоа може многу брзо да се направи , вели Крсте Блажески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.