Хуманоста и празничниот дух го исполнија Велигденскиот базар во Охрид

Во пријатна и празнична атмосфера, плоштадот „Вангел Наумоски“ денес беше преполн со насмевки, бои и позитивна енергија, откако голем број граѓани го посетија традиционалниот Велигденски базар, кој по десетти пат го организира Општина Охрид во соработка со ЈП Градски Пазар.

Штандовите изобилуваа со рачно изработени украси, празнични декорации и традиционални специјалитети, создадени со љубов од ученици, занаетчии, локални производители и компании. Посетителите имаа можност да вкусат дел од богатата македонска трпеза – од домашни пити и ѓомлезе до разни слатки и печива, кои дополнително го доловија духот на Велигден.

„На овој велигденски базар земаат учество, значи, повеќе занаетчии и за овие што се, да речам, што изработуваат ракотворби, различна традиционална храна, пијалаци. Најбитно што е на овој базар е да напоменам дека е од хуманитарен карактер. Значи средствата што ќе бидат собрани се донираат онаму каде што е најпотребно. Исто сакам да го искористам овој момент да им се заблагодарам на сите учесници, посебно на школите, на децата што зедоа учество на овој базар, а воедно и да му го честитам на сите христијани празникот Велигден.“ – изјави Александар Попоски – директор на ЈП „Градски Пазар“.

Особено внимание привлекоа детските изработки, полни со креативност и искреност, кои на базарот му дадоа посебна топлина и душа. Малите учесници, заедно со своите наставници и воспитувачи, со гордост ги презентираа своите дела пред посетителите.

„За многу години да ни е Велики четврток, нашиот христијански празник. Денес дојдовме со дечињата да ги покажеме изработките и нивната креативност да се порадуваат тука. Иначе собиров ни е од хуманитарен карактер.“ – изјави Јовановска Жаклина – негувателка во ЈУДГ „Јасна Ристеска“.

Базарот уште еднаш покажа дека кога станува збор за хуманост и заедништво, Охрид знае да се обедини. Настанот не само што ја поттикнува креативноста кај младите, туку ја зацврстува и врската меѓу институциите и граѓаните.

„Сите оние изработки коишто ги имаат учениците од основните и средните училишта, од самите институции коишто сакаат да се претстават пред граѓаните и всушност да ја поддржат онаа цел којашто е и на самиот базар, а тоа е хуманоста. Да покажеме уште еднаш дека сме хумани. Во духот на големиот празник Велигден, токму хуманоста, солидарноста, да помогнеме еден на друг, заеднички сплотени. Токму и тоа е пораката којашто ја дава овој базар.„ – изјави Перчо Божиновски – претседател на Советот на Општина Охрид.

Празничното доживување беше дополнето со богата културно-уметничка програма. На сцената настапија деца од градинките и училиштата, како и фолклорни ансамбли и културно-уметнички друштва од Охрид, внесувајќи дополнителна радост и разиграност.

Велигденскиот базар уште еднаш ја испрати пораката дека хуманоста, солидарноста и заедништвото се вредности што треба да се негуваат – не само за празниците, туку секој ден.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани