Јубилејен „ИПА Вело викенд“ – вело тура Охрид–Струга

Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, од 12 до 14 јуни 2026 година, во Охрид ќе се одржи јубилејниот 10-ти меѓународен „ИПА Вело викенд“ под мотото „На точак, Охрид и Струга да видам“.

Централниот настан е традиционалната велосипедска рекреативна тура Охрид–Струга–Радожда, закажана за 13 јуни (сабота). Стартот е во 08:00 часот од градското пристаниште во Охрид, по што учесниците ќе се движат по охридскиот кеј, низ повеќе улици во градот, а потоа по стариот пат кон Струга, покрај Охридското Езеро и низ зелените предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“, до Радожда.

Турата има континуитет од 2016 година и има за цел афирмација на идејата за велосипедско поврзување на Охрид и Струга, со продолжување кон туристичката населба Радожда и Пештани, преку современа, функционална и безбедна велосипедска патека.

Од ИПА Охрид потенцираат дека ваквите иницијативи имаат непроценливо значење за развојот на туризмот и велосипедизмот, како и голем бенефит за граѓаните и туристите. Преку настанот се прави обид за промоција на Охридско-струшкиот регион како атрактивна вело туристичка дестинација.

Воедно, организаторите испраќаат порака до надлежните институции дека е потребно сериозно вложување во велосипедска инфраструктура, нагласувајќи дека велосипедистите сè уште се соочуваат со небезбедни услови на патиштата.

„Не сакаме повеќе жртви – велосипедисти на небезбедните патишта во регионот“, порачуваат од ИПА Охрид, апелирајќи за изградба на безбедни вело патеки со соодветна сигнализација.

На крај, упатен е повик до сите членови на ИПА, вело клубовите и граѓаните љубители на велосипедизмот да се приклучат на турата на 13 јуни, со цел да се создаде масовна вело колона и силна порака за потребата од модерна велосипедска мрежа во регионот.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани