Охрид од утре ќе биде во знакот на фолклорот и традицијата со почетокот на јубилејното 65. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри, една од најзначајните културни манифестации во земјава и пошироко.
Во рамки на четиридневната програма, љубителите на фолклорот ќе имаат можност да проследат настапи на ансамбли и културно-уметнички друштва од Македонија, Албанија, Бугарија и Хрватска, кои преку автентични песни, игри и носии ќе го претстават богатото народно творештво.
Фестивалот свечено ќе биде отворен утре со изведбата на „Билјана платно белеше“ од КУД „Ѓердан од бисери“ од Охрид, по што ќе следува целовечерен концерт на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ од Скопје.
На затворањето, пред охридската публика ќе настапат КУД „Дримкол“ од Вевчани и Државниот ансамбл на Хрватска „Ладо“ од Загреб.
Сите фестивалски вечери ќе се одржуваат во големата сала на НУ Центар за култура „Григор Прличев“ во Охрид, со почеток во 20:30 часот.
