Под Јабланица одекнаа зурлите и тапаните – Вевчани ја оживеа вековната традиција

Под падините на Јабланица, во магичната вевчанска вечер, синоќа силно одекнаа звуците на зурлите и тапаните — инструменти што со векови ја раскажуваат приказната за македонскиот народ, неговата радост, болка и непокорен дух.

Со моќниот звук на традиционалниот мелос свечено беше отворено годинешното издание на Вевчанско лето, а првиот Фестивал на зурли и тапани донесе вечер исполнета со емоции, гордост и силна врска со корените.

Мајсторите на народниот мелос, преку препознатливиот ритам на тапанот и продорниот звук на зурлата, ја разбудија колективната меморија и потсетија дека традицијата не е само наследство од минатото, туку жива вредност што се пренесува од генерација на генерација.

Во амбиент кој совршено ја спои природната убавина на Вевчани со автентичниот звук на македонскиот фолклор, публиката уживаше во вечер што ќе остане долго запаметена.

Првиот фестивал на зурли и тапани испрати силна порака — додека се слуша звукот на зурлата и тапанот, живее и македонската традиција. А Вевчани уште еднаш потврди дека знае како да ја чува, негува и гордо да ја сподели со светот.

Фестивалот, се одржа за прв пат и го најави стартот на Вевчанското лето.  Организатор е Здружението на  зурли и тапани, а планот е оваа манифестација  да прерасне во традиција и да биде препознатлив бренд на општина Вевчани..

-Со Фестивалот на зурлата и тапанот свечено беше отворено „Вевчанско Лето 2026“.
Под мотото „30 години Општина Вевчани“, вечерва започна овогодишното издание на „Вевчанско Лето“ – манифестација која и ова лето ќе понуди богата програма исполнета со културни, уметнички, забавни и спортски настани.
Честа да ја отвори програмата му припадна на новиот Фестивал на зурлата и тапанот, во организација на Оркестарот со зурли и тапани Вевчани, кој преку звуците на традиционалните инструменти донесе вистинска празнична атмосфера.
Им благодариме на сите посетители и учесници кои беа дел од оваа прекрасна вечер и успешно го означија почетокот на „Вевчанско Лето 2026“, истакна градоначалникот Спасе Кочоски.

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани