Во Струга казнети маркет и месарница, уништени 65 килограми небезбедна храна. Во Охрид казна од 500 евра заработи една гостилница, каде беа пронајдени 15 кг небезбедна храна. Во Кичево, пак покрај казна, времено е затворен еден ресторан, таму се уништени 187 килограми храна. Ова е резултат само на дводневните вонредни инспекциски надзори на Агенцијата за храна.
Најчестите прекршоци се немање декларации и продажба на храна со поминат рок.
-Тоа говори дека во иднина Агенцијата за храна и ветеринатрство ќе спроведува засилени конторли на целата територија на Р Македонија. Имаме парични санкции и санкции со затворање до 30 дена или додека не ги обезбедат потребните документи. Контроли се прават секојдневно на целата територија, вели Оливер Миланов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Кај некои од операторите утврдени се незадоволителни хигиенски услови, вршење на активност која не е одобрена од АХВ и непоседување на санитарни книшки за вработените.
– Се разбира по законските нормативи секоја храна, секој продукт треба да има декларација. Се она што не е по закон и нема декларација се разбира треба да биде пријавено до пазарен инспекторат и службите на Агенцијата за храна ќе постапат , вели Игор Џаџоски професор на ветеринарен факултет.
Само во првите 6 месеци од годинава во внатрешниот промет спроведени се 24. 335 инспекциски контроли, а изречени вкупно 2 433 инспекциски мерки. Уништени 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна.
Само во текот на оваа летна сезона во Охрид и Струга беа уништени 8.7 тони небезбедна храна и беа казнети 54 оператори.
Новинар Соња Рилковска
