Со дел од средствата од неизградениот карго аеродром во Штип и со финансии од европските ИПА фондови е предвидено да се градат модерни депонии во земјава.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев најави дека владата ќе работи на отворање на четири регионални депонии, каде што ќе се врши собирање и преработка на отпадот.
Од собраниот отпад би можело да се произведува енергија, технологија што со години наназад се применува во земјите – членки на ЕУ. Ваквиот модел на функционирање на регионалните депонии ќе го реши проблемот со натрупување отпад на овие локации, коишто денес се користат единствено за складирање на отпадот.
Анѓушев вели дека најнапред ќе се одредат локациите за регионалните депонии, а потоа ќе се постави опремата за селектирање на отпадот, од кој ќе се произведува енергија и согорливи материјали за индустриска употреба. Што се однесува до менаџирањето со отпадот, Даме Димитриевски од Технолошко – металуршкиот факултет, рече дека се направени анализи за количината на отпад и за техниките што ќе се применуваат.
Во Југозападниот регион во земјава останува спорна локацијата за регионална депонија. Министерството како најповолна го избра селото Годивје во дебрца, но жителите на општината преку референдум јасно кажаа НЕ за депонија.
