Коментар: Турбо фолк и лесковачки роштиљ – „адути“ на културниот Охрид

Турбо фолк забавите по плажите, концерти од типот на Аца Лукас, но и ред други српски фолкери на кои не им знаеме ни име се секојдневие во главниот туристички центар- лулката на културата и православието. 

 

Лудите забави со македонските фолк ѕведи кои ги препејуваат српските и бугарските турбо фолк хитови  ги има на среде охридскиот плоштад.

Од сите страни свадбарска прегласна музика, градот е  како расипан касетофон , испомешани звуци, ечи до раните утрински часови.

Со години граѓаните гласно бараат надлежните да преземат нешто против гласната но и невкусна музика, но времето покажа дека иако се менува локалната власт проблемите остануваат исти. Сите имаат ист пристап кон нив, ги ставаат под черџе и ги забораваат до следните избори. 

На охридските ресторани во центарот на градот треба со одлука на совет да им се забрани гласната српска турбо фолк музика. На Охрид му доликува тивка староградска песна. Мелодиите на старите познати охридски трубадури кои на посетителите ќе им ја раскажат приказната за синото езеро, за охридските љубовни романси, за платното на Билјана, за рибарите итн……

Од друга страна, расчадените скари со познатиот Лесковачки роштиљ  на градскиот кеј го дополнуваат вашарскиот амбиент, навистина да се почуствувате како да сте во јужна Србија. 

Немаме против српската традиција и култура, но ние имаме наша автентична сопствена…. Имаме македонска скара, имаме безброј македонски јадења, имаме охридски специјалитети, Во  срцето на градот предност треба да се даде на  домашните јадења. Лесковачки скари нека чадат но надвор од центарот, настрана од градскиот кеј….На туристите треба  да им се понудат вкусните охридски јадења. 

Да не бидеме разбрани погрешно. Во името на туризмот , нека има концерти и за луѓето кои сакаат турбо фолк, но тоа нека биде што подалеку од градот, па кој сака таква забава слободно нека оди. 

Во центарот на градот нека се зачува автентичноста на древниот Охрид, каде секое камче со векови ја чува  приказната на Лихнидос, градот на светлината, градот на големиот број цркви и манастири…..магичниот, величествениот Охрид, кој изобилува со традиција, култура, магија….

Каква приказна раскажуваме,  такви туристи привлекуваме! 

 

 

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани