Посебна комисија ќе ја иситува смртта на двеиполгодишната Анастасија Маркоска од Охрид, која завчера околу полноќ почина на детското одделение во охридската болница.
Според денешното соопштение на министерството за здравство девојчето во петокот било прегледано на детското одделение, каде и била констатирана вироза. Поради симптоми на повраќање, стомачна болка и малаксаност, следниот ден бил направен уште еден преглед.
Заради лесна дехидрација девојчето добило инфузија и било испратено дома во добра состојба со препораки за понатамошно лекување.
-Пет минути пред полноќ истиот ден, детето било донесено во болницата без срцева акција, без пулс , во бессознание, со обострано проширени зеници. Веднаш се пристапило кон реанимација заедно со интернист и анестезиолог, но за жал по час и половина , константирана е смрт. Пациентката цело време била ЕКГ мониторирана без знаци за срцева акција, информираат од министерството за здравство.
Случајот веднаш бил пријавен во полиција која дошла и направила увид на лице место. Телото на пациентката е дадено на обдукција и се уште се чека обдукцискиот наод.
Министерството за здравство информира дека веднаш е формирана Комисија, која ќе го испита лекувањето и целокупниот третман на пациентката.
Новинар Соња Рилковска