Краков – домаќин на професори и ученици од охридската Гимназија

Наши ученици и професори беа повторно дел од Еразмус+ проект, овој пат во Краков, Полска, во рамките на проектот “Flipping home and school in teaching/learning process” или “Замена на улогите на училиштето и домот во процесот на предавање/учење”.

5 ученици од IV година: Екатерина Бочвароска, Викторија Војдиновска, Новица Цветкоски, Владимир Велјаноски и Драгана Усовиќ во придружба на професорките Надица Николоска Филипоски и Александра Томоска разменуваа искуства за иновативни методи на учење/предавање кои можат подеднакво да бидат користени и дома и на училиште.
Во рамките на посетата освен разгледувањето на прекрасниот Краков кој е трет по големина во Полска и дише со историја и култура, учесниците имаа можност да вкусат некои од националните полски јадења и да научат по некој збор од полскиот јазик на активостите организирани од училиштето домаќин.

 

Во меѓусебна соработка со партнер-земјите Полска, Латвија, Шпанија и две училишта од Турција, учесниците откриваа и креираа квизови, презентации и игри користејќи ги Web 2.0 алатките кои овозможуваат на еден забавен начин да се доближат наставните содржини до учениците, што е подеднакво корисно и за нив и за наставниците.
“Практиткувањето на ваквите методи во воспитно-образовниот процес станува сè попопуларно, а тоа особено се покажа како корисно во овој период на пандемија. Предавање и учење преку квизови и други забавни едукативни алатки им ја олеснува и дозбогатува работата и на наставниците и на учениците.”- вели Надица Николоска Филипоски, професорката одговорна за проектот.

 

“Овие нови генерации се целосно дигитализирани, па наша обврска како наставници е да се обидеме да се прилагодиме на нивните потреби и барања, а со тоа да им го олесниме учењето. ” е мислењето на Александра Томоска, професорка која учествува на проектот.
Еразмус+ проектите, за среќа и задоволство и на професорите и на учениците, се сè позастапени во нашето училиште. На овој начин, преку посета и размена на искуства со партнер-училишта од разни земји низ Европа, сите, учат и се стекнуваат со искуства кои им го збогатуваат животот.

 

Social profiles

Охрид

Струга

Вевчани