Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против Никола Тодоров – поранешен министер за образование и наука и Панче Кралев, исто така поранешен министер за образование и наука и две други лица од тоа министерство, поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување при јавната набавка на договорот за градење за реконструкција и адаптација на поранешниот Дом на АРМ во Охрид за потребите на Факултетот за информатички технологии.
Управата за финансиска полиција во соопштението вели дека тие со неизвршувањето на нивната службена положба го оштетите буџетот на Министерството за над 4,7 милиони денари, речиси 80.000 евра.
„МОН во текот на 2009 година, по претходно спроведена постапка за јавна набавка, склучило договор за градење со изведувачот ‘Конструктор инженеринг’ АД Сплит за реконструкција и адаптација на Домот на АРМ во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички технологии. Првопријавениот Н.Т. како министер за образование и наука имал обврска да ги почитува законските процедури наведени во договорот и да го заштити буџетот на МОН. Второпријавениот И.Е. како советник за капитално инвестирање имал обврска, во согласност со условите и роковите наведени во договорот, да ја следи реализацијата на договорот за градење и да го известува министерот за образование и наука за текот на изведбата, како и за сите настанати проблеми при изведбата“, велат од Финансиската полиција.
