Градоначалникот на Струга незаконски издал одобрение на градба, кое веднаш по уривањето на Спомен куќата на Владо Малески, самиот го поништил. Ова го соопшти министерот Љутков, при денешниот увид на терен. Според него.проектот за кој позитивно мислење издала Управата за заштита на културното наследство бил приземје и еден кат, а општината издала одобрение за објект со дополнителни подрумски простории.
Копајќи ги подрумите, со багер градежникот ги поткопал темелита на Старата струшка куќа и предизвикал уривање на ѕидот и покривот.

– Најотговорно тврдам, а и со мене се експерти и луѓе кои можат да го потврдат дека сите дозволи за оваа куќа и за рушење на тој објект, се издадени во последните 7 години, кога овде на власт социјал-демократскиот сојуз и ДУИ, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Заменик министерот за правда повика на одговорност, на сите инвлолвирани во случајот каде покрај бесправно градење, има и уништување на недвижен имот прогласен за културно наследство за што е предвидена казна затворот 3 до 10 години.

– Во решението за поништување на одобрењето за градење, има констатирано дека решението кој што го издал во месец, колку што се сеќавам, ноември 24-та година, е издадено спротивно на закон и спротивно на проектите кои што се доставени до органите за култура врз основа на кои требало да се издаде тоа одобрење, вели заменик министерот за правда Ален Деребан.
Министерот најави итна изработка на проект за реконструкција и обнова на Спомен куќата на Владо Малески, која се смета за ремек дело на старата струшка архитектура од 19 век.
новинар Соња Рилковска
